Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми, денеска присуствуваше на манифестацијата „Денови на доживотно учење“, во организација на Центарот за образование на возрасни и Центарот за доживотно учење.

- Оваа кампања има цел да го промовира концептот на доживотно учење, а тоа е учење и образование во текот на целиот живот, независно од возраста, полот, етничката припрадност. Овие кампањи со различни настани го насочуваат вниманието на јавноста кон значењето и улогата на учењето и имаат цел да ја подигнат свеста на граѓаните за тоа доколку континуирано се образуваат и надградуваат, ќе бидат поконкурентни на пазарот на труд, истакна министерот Адеми во своето обраќање.
Доживотното учење, напомена Адеми, е моќна алатка за намалување на невработеноста, градење на култура на учење и општество базирано на знаење.

- Уште во 2003 година, на првите регионални Денови на доживотно учење во југоисточна Европа, кои се одржаа во Скопје, министерството за образование и наука ја потпиша Декларацијата за образование на возрасни, доживотно учење и вработување. Донесувањето на законот за образование на возрасни во 2008 година и основањето на Јавна Установа Центар за образование на возрасните, која од 2009 ги креира и имплементира политиките за образование на возрасни, се доказ дека Македонија навистина посветено работи и делува на овие полиња, потенцираше Адеми.

Министерот Адеми им се заблагодари на Центар за доживотно учење и Јавна Установа Центар за образование на возрасни, како и на останатите партнери кои организираат настани во рамките на оваа манифестација.

- Особена благодарност би сакал да упатам до ДВВ Интернационал од Бон, Германија, кој 11 години финансиски го поддржува овој настан, а со своето присуство и работа во Република Македонија, цели 16 години дава придонес кон развојот на образованието на возрасните во нашата земја.  Поддршката на Сојузна Република Германија е од исклучително значење за напредокот на нашата земја и нејзиното приближување до Европската Унија, додаде министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми.