прес-конференција,

  • Дескоска: “Процесот на реформи е пред нас“

    Министерката Дескоска одржа прес-конференција на која ја информираше јавноста за преземените активности во првите 100 дена од нејзиниот мандат.
    Таа истакна дека во првите 100 дена во Министерството за образование и наука, покрај скенирањето на затекнатата состојба, презела и серија активности насочени во три правци:

    - прво, активности насочени кон отстранување или минимизирање на штетите од погрешните политики на претходната Влада

    - второ, активности насочени кон остварување на тековните работи во рамките на ресорот

    - трето, активности насочени кон вршење на реформите предвидени во програмата на новата Влада, реформи кои треба да придонесат за подигнување на квалитетот на образованието.
     
    Во рамките на првата група активности чија цел беше да се отстранат или минимизираат штетите од погрешните политики на претходната Влада, таа ги наведе следните чекори: укинување на екстерното тестирање, одложување на Кембриџ програмата во средните училишта, укинување на одредени дисперзирани студии, по барање на универзитетите и воведување на нови студиски програми кои претходната Влада ги имаше ставено во мирување.
     
    Таа истакна дека и е особено драго што првата мерка на новата Влада беше во областа на образованието и тоа – укинување на екстерното тестирање. “Пред изборот на Владата, во рамките на Собранието се боревме за укинување на екстерното тестирање, како механизам кој се злоупотребуваше за притисок врз наставниците, без да биде никаков показател или мерило за квалитетот на образованието. Конзистентно на таквиот став, веднаш по формирањето на Владата го укинавме екстерното тестирање. На нашите политички противници веројатно им беше чудно што доброволно се откажавме од механизам за контрола и притисок врз наставниците, но таа мерка е само една од мерките со која покажавме и во иднина ќе покажуваме дека наставниците за нас се партнери во градењето квалитетно образование на наставниците“, истакна министерката за образование и наука Рената Дескоска.

     

    DSC 0388


    Како следна мерка која ја презела, таа го наведе одложувањето на Кембриџ програмата во средното образование. “Веднаш по донесувањето на таа одлука, од Cambridge International, бев информирана дека и тие со свои дописи уште во 2016 година изразиле загриженост за брзањето со воведување на оваа програма во средните училишта и со начинот на избор на учебниците. Имено, во тие дописи, Кембриџ предупредува дека за реформи во средното образование треба повеќе време и укажуваат дека е многу веројатно дека Кембриџ програмата нема да може да отпочне од септември 2017 година. Дури и тие предлагале одложување на Кембриџ програмата за деветто одделение за една година. Во второто писмо, Cambridge International укажува дека е потребно време од 18 месеци до 2 години и за адаптација на учебниците, а со оглед на тесните рокови во кои тоа се прави во Македонија, процесот содржи многу слабости. За жал во тој процес воден од претходната Влада, процес во кој биле игнорирани предупредувањата од самиот Кембриџ, штета им била нанесена и на учениците и на наставниците, но и на угледот на Кембриџ. За тоа кој имал корист од тоа, оставам јавноста да суди“, потенцираше министерката Дескоска.
     
    “Оваа година при распишувањето на конкурсите за упис на факултетите, Владата на РМ го послуша барањето на универзитетите и студентите. Ја прекинавме лакрдијата од фиктивни дисперзирани студии за кои нема интерес ниту кај студентите, ниту кај факултетите. Од друга страна овозможивме упис на одредени студии кои претходната влада ги имаше ставено под “мраз”. Беа отворени уписи на родовите студии на УКИМ, на студиската група Безбедност и Евроинтеграциите на УКЛО, Современ танц на УГД и др“, информираше министерката Дескоска.
     DSC 0312

    Во рамките на тековните активности во изминатиот период, таа истакна дека во министерството биле водени повеќе процеси со кои се вршело подготовка за почетокот на новата учебна и академска година, а истовремено отпочнал и процесот на целосна реформа на образовната политика која ги опфаќа сите нивоа на образование.  “Отворивме консултативен процес во рамки на сите реформи кои ги отпочнавме, при што ги вклучивме сите засегнати страни кои сега имаат можност да влијаат на политиките и да го кажат својот глас за работите кои ги засегаат“ рече министерката Дескоска.
     
    “Во процесот на измени на законите за основно и средно образование кои ќе предвидат намалување на бројот на часовите и административните обврски на наставниците се консултирани и ќе се консултираат наставничкиот пленум, синдикатите, невладиниот сектор, учениците. Веќе е спремен текст на законски измени за унапредување на ученичкото организирање и учество во процесот на носење одлуки во средните училишта. Овој текст ќе биде интегрален дел на останатите законски измени“, информираше министерката Дескоска.
     
    Во делот на процесот на ревизија на учебниците во основно и средно образование, информираше дека е креиран он-лајн прашалник кој е доставен до училиштата преку кој наставниците ќе можат да го дадат своето мислење за квалитетот и потребата од промени на учебниците по кои предаваат.  Досега беа формирани комисии за повлекување на два учебника од употреба и по нивен предлог истите се повлечени. Со оглед на заложбите за намалување на бројот на ученици во паралелките, дадени се согласности за вработување во неколку основни и средни училишта, како и согласност за формирање на паралелки со помал број на ученици.      
     
    Во однос на високото образование, во моментов се подготвува нов Закон за високо образование, преку работни групи во кои се вклучени сите засегнати страни.  Воедно, на барање на факултетите одобрени се нови вработувања на високо образован кадар, со цел да се зголемат капацитетите на државните универзитети за нивната редовна работа.


     
    Една од заложбите на новата Влада во образовната политика е да се поддржи и зголеми инклузивноста во образованието. За таа цел, променети се два подзаконски акти со кои се регулираат правата и можностите на учениците со посебни образовни потреби. Овие промени се направени во консултација со Здруженија на граѓани кои работат во областа.
     
    На крајот, министерката истакна дека е свесна за предизвиците што стојат пред неа, големите проблеми и уште поголемите очекувања. Таа ја искористи оваа прилика за да им се заблагодари на сите граѓани кои во изминатиов период ја контактирале, што се јавиле со желба да и помогнат во реформите и да дадат предлози и идеи. “Процесот на реформи е пред нас. Чекор по чекор, водејќи се од начелата за инклузивност, транспарентност и отчетност ќе изградиме квалитетен и модерен образовен систем, кој ќе ги следи светските трендови и ќе ги оспособува идните генерации за најновите предизвици“ заврши министерката Дескоска.

  • Министерката Дескоска одржа прес-конференција за преземените активности за отпочнување на новата учебна година

    Почитувани,

    Денес, 01.09.2017 година, министерката за образование и наука проф. д-р Рената Дескоска, одржа прес-конференција со цел да ја информира јавноста за преземените активности за отпочнување на новата учебна година.

    Во продолжување, ја пренесуваме во целост изјавата на министерката за образование и наука проф. д-р Рената Дескоска.


    Почитувани претставници на медиумите,

    Се наоѓаме на прагот на новата учебна година која ќе започне на 4 септември, согласно објавениот Годишен календар.

    Денеска сакам да Ве информирам за преземените активности за отпочнување на новата учебна година.

    Оваа учебна година во основните училишта се запишани вкупно 20 437 првачиња. Од нив наставата на македонски јазик ја следат 13 218 ученици, на албански јазик 6419 ученици, на турски 738, на српски 16 ученици и 46 на босански јазик.

    Во средните училишта се запишани вкупно 17364 ученици во прва година, од кои настава на македонски јазик ќе следат 13 349 ученици, на албански јазик, 3765 ученици и на турски јазик 144 ученици, додека пак, 106 ученици по втор пат се запишани во прва година.

    Овие бројки за основните и средните училишта не се конечни. Крајните официјални бројки ќе бидат познати во средината на септември.

    Наставата се одвива во вкупно 362 јавни основни и 108 јавни средни училишта.


    Во текот на вчерашниот ден, во согласност со законот, заради вршење на итни и неодложни работи, односно непречено одвивање на наставниот процес, одобрени се нови вработувања во повеќе училишта низ Македонија.

    -          Учениците во општина Дебар, ќе добијат можност да ја следат наставата на македонски јазик во порастеретени училници, бидејќи е одобрено ново вработување на одделенски наставник.

    -          учениците Албанци од Куманово за прв пат ќе добијат можност да учат солфеж на својот мајчин јазик во музичкото училишта “Панче Пешев”

    -          учениците од прво одделение во училиштето “Братство” во општина Карпош наставата ќе ја следат во помали одделенија, бидејќи одобрено е ангажирање на дополнителен број наставници

    -          ист е случајот и со учениците во општина Аеродром каде се одобрени дополнителни вработувања во одделенска настава со цел да се одозможи целодневна настава, односно дополнителен престој на учениците во основните училишта “Браќа Миладиновци”, “Блаже Конески”, “Лазо Ангеловски”.

    -          Нови вработувања се одобрени во основното училиште “Дитурија” во Сарај, во “Димитар Беровски” во Ѓорче Петров, “Лирија” и “Истикбал” во Тетово, во “Васил Главинов” во Велес, во “Живко Брајковски” во Бутел, во “Маршал Тито” и во “Сандо Масев” во Струмица, во “Гоце Делчев” во Вељуса, основното училиште “Кочо Рацин” во Куманово, во основното училиште “Браќа Миладиновци” во Пробиштип, во “Фаик Коница” во Липково, за настава на турски јазик во “Тефејуз” во Чаир, во Крум Тошев во Гази Баба и др.

    -          Во средните училишта, даваме целосна поддршка на Спортската академија за која е одобрено дополнително финансирање на дисперзираните студии во Тетово, Прилеп, Охрид, Штип и Битола

    -          Одобрено е доекипирање со наставен кадар во средното училише во Сарај и средното училиште “Шаип Јусуф” во Шуто Оризари.

    -          За нас сите ученици се важни и целта на овие одобрувања на ново финансирање е да има доволно наставен кадар во училиштата.


    Што се однесува до учебниците по кои ќе учат учениците: за оние учебници во кои се пишува, согласно закон, се склучени договори и истите ќе бидат дистрибуирани до училиштата најдоцна до 15 септември. Истиот рок важи и за дистрибуција на најголемиот број други учебници.

    -          Минатата недела, испратен е допис до сите училишта и креирана е апликација преку која наставниците и професорите од сите училишта се поканети да укажат на грешки и проблеми во учебниците. На директорите им е испратена лозинка, која преку e-ucebnici.mon.gov.mk, наставниците можат лично да ги внесат бараните податоци. Ги очекуваме одговорите од наставниците и професорите до 15 септември и ја користам оваа прилика да апелирам до сите нив да се вклучат активно во овој консултативен процес.

    -          Во втората фаза ќе почне и консултативен процес за соодветноста на изборот на лектири за основно и средно образование.


    Што се однесува до создавањето на услови за децата со посебни образовни потреби. Испративме барање до сите училишта да пријават број на ученици со посебни образовни потреби на кои им е потребен персонален асистент. Податоците сеуште не се конечни, но и откако ќе бидат добиени, ќе подлежат на процес на проверка. За најитна можна реакција, во соработка со УНДП, во процес на селекција се околу 70 персонални асистенти кои ќе поминат обука за да можат што е можно посоодветно да ги извршуваат своите задачи. Исто така, преку процес на консултација со здруженија на граѓани кои се занимаваат со прашањата за инклузивно образование, променети се два подзаконски акти кои регулираат одредени прашања од областа на образованието на децата со посебни потреби.


    Во однос на условите кои постојат во училиштата и ученичките домови, побарав од директорите на училиштата и на ученичките домови да пријават потреба од капитални инвестиции и да го документираат тоа со фотографии од состојбите во училиштата и ученичките домови. Она што го видов и што Вие ќе имате можност да го видите е загрижувачко. Врз основа на овие информации кои ги добивме, ќе направиме и директен увид заради утврдување приоритетите за помош на општините кои не успеале да ги решат овие проблеми на училиштата. Според приоритетите, на прво место ќе биде обезбедување на елементарни услови за работа, односно оспособување на објектите од надворешни влијаниеја со реконструкција на крововите, фасадите и замена на прозорци. Потоа ќе се помогне на општините каде има потреба од подобрување на внатрешните услови на објектите како подови, санитарни јазли, загревање и сл. И третиот дел ќе биде помош во замена на инвентар во училиштата.

    Во меѓувреме од 15 јуни до денес преземени се одредени активности за санација на повеќе училишта во Сарај, Тетово, Куманово, Демир Хисар, Дебар, Ѓорче Петров, Гостивар и село Страчинци. Во село Блаце е направена реконструкција на целиот објект.

    Сооглед на тоа што согласно процесот на децентрализација, училиштата се во надлежност на општините, апелирам градоначалниците да направат промена на приоритетите и да го стават образованието и условите за настава на прво место. Во 21 век, учениците заслужуваат пристојни услови за учење.

    На сите ученици, наставници и професори им посакувам успешна учебна година.

    На наставниците и проферсорите, на почетокот на учебната година сакам да им порачам: Бидете посветени, иднината на светот е во вашите училници!

    На учениците сакам да им порачам: Трагајте по знаење, затоа што образованието е патот кон Вашата слобода, знаењето е најсилното оружје со кое можете да го смените својот живот, со кое можете да го смените светот!”

    Ви благодарам!

    --------------------------
    Со почит,

    Министерство за образование и наука