МОН,

  • Втора работна средба на Работната група за нов Закон за високо образование

    Почитувани,

    Министерството за образование и наука информира дека, Работната група за утврдување на потребата за измени на Законот за високо образование, составена од Министерот за образование и наука, Проф. д-р Рената Дескоска, претставници од државните и приватните универзитети, синдикатите од областа на образованието и претставници од Професорскиот и Студентскиот пленум, ја одржа втората работна средба во просториите на Министерството за образование и наука.

    На денешната средба на Работната група, присуствуваше и странскиот експерт за високо образование, г-дин Џамил Салми, кој ќе учествува во процесот на подготовка на нов Закон за високо образование.

    Целта на Работната група е преку квалитетна дебата, да изготви нов Закон за високо образование којшто ќе ги опфати сите аспекти од статусот и организацијата на универзитетот, надлежностите на Сенатот, начинот на управување на факултетите, статусот на наставниците, начинот на кој студентите ќе се организираат во рамки на универзитетот и процесот на нострификација на дипломите.

    Со почит,

    Министерство за образование и наука

  • Дескоска: “Процесот на реформи е пред нас“

    Министерката Дескоска одржа прес-конференција на која ја информираше јавноста за преземените активности во првите 100 дена од нејзиниот мандат.
    Таа истакна дека во првите 100 дена во Министерството за образование и наука, покрај скенирањето на затекнатата состојба, презела и серија активности насочени во три правци:

    - прво, активности насочени кон отстранување или минимизирање на штетите од погрешните политики на претходната Влада

    - второ, активности насочени кон остварување на тековните работи во рамките на ресорот

    - трето, активности насочени кон вршење на реформите предвидени во програмата на новата Влада, реформи кои треба да придонесат за подигнување на квалитетот на образованието.
     
    Во рамките на првата група активности чија цел беше да се отстранат или минимизираат штетите од погрешните политики на претходната Влада, таа ги наведе следните чекори: укинување на екстерното тестирање, одложување на Кембриџ програмата во средните училишта, укинување на одредени дисперзирани студии, по барање на универзитетите и воведување на нови студиски програми кои претходната Влада ги имаше ставено во мирување.
     
    Таа истакна дека и е особено драго што првата мерка на новата Влада беше во областа на образованието и тоа – укинување на екстерното тестирање. “Пред изборот на Владата, во рамките на Собранието се боревме за укинување на екстерното тестирање, како механизам кој се злоупотребуваше за притисок врз наставниците, без да биде никаков показател или мерило за квалитетот на образованието. Конзистентно на таквиот став, веднаш по формирањето на Владата го укинавме екстерното тестирање. На нашите политички противници веројатно им беше чудно што доброволно се откажавме од механизам за контрола и притисок врз наставниците, но таа мерка е само една од мерките со која покажавме и во иднина ќе покажуваме дека наставниците за нас се партнери во градењето квалитетно образование на наставниците“, истакна министерката за образование и наука Рената Дескоска.

     

    DSC 0388


    Како следна мерка која ја презела, таа го наведе одложувањето на Кембриџ програмата во средното образование. “Веднаш по донесувањето на таа одлука, од Cambridge International, бев информирана дека и тие со свои дописи уште во 2016 година изразиле загриженост за брзањето со воведување на оваа програма во средните училишта и со начинот на избор на учебниците. Имено, во тие дописи, Кембриџ предупредува дека за реформи во средното образование треба повеќе време и укажуваат дека е многу веројатно дека Кембриџ програмата нема да може да отпочне од септември 2017 година. Дури и тие предлагале одложување на Кембриџ програмата за деветто одделение за една година. Во второто писмо, Cambridge International укажува дека е потребно време од 18 месеци до 2 години и за адаптација на учебниците, а со оглед на тесните рокови во кои тоа се прави во Македонија, процесот содржи многу слабости. За жал во тој процес воден од претходната Влада, процес во кој биле игнорирани предупредувањата од самиот Кембриџ, штета им била нанесена и на учениците и на наставниците, но и на угледот на Кембриџ. За тоа кој имал корист од тоа, оставам јавноста да суди“, потенцираше министерката Дескоска.
     
    “Оваа година при распишувањето на конкурсите за упис на факултетите, Владата на РМ го послуша барањето на универзитетите и студентите. Ја прекинавме лакрдијата од фиктивни дисперзирани студии за кои нема интерес ниту кај студентите, ниту кај факултетите. Од друга страна овозможивме упис на одредени студии кои претходната влада ги имаше ставено под “мраз”. Беа отворени уписи на родовите студии на УКИМ, на студиската група Безбедност и Евроинтеграциите на УКЛО, Современ танц на УГД и др“, информираше министерката Дескоска.
     DSC 0312

    Во рамките на тековните активности во изминатиот период, таа истакна дека во министерството биле водени повеќе процеси со кои се вршело подготовка за почетокот на новата учебна и академска година, а истовремено отпочнал и процесот на целосна реформа на образовната политика која ги опфаќа сите нивоа на образование.  “Отворивме консултативен процес во рамки на сите реформи кои ги отпочнавме, при што ги вклучивме сите засегнати страни кои сега имаат можност да влијаат на политиките и да го кажат својот глас за работите кои ги засегаат“ рече министерката Дескоска.
     
    “Во процесот на измени на законите за основно и средно образование кои ќе предвидат намалување на бројот на часовите и административните обврски на наставниците се консултирани и ќе се консултираат наставничкиот пленум, синдикатите, невладиниот сектор, учениците. Веќе е спремен текст на законски измени за унапредување на ученичкото организирање и учество во процесот на носење одлуки во средните училишта. Овој текст ќе биде интегрален дел на останатите законски измени“, информираше министерката Дескоска.
     
    Во делот на процесот на ревизија на учебниците во основно и средно образование, информираше дека е креиран он-лајн прашалник кој е доставен до училиштата преку кој наставниците ќе можат да го дадат своето мислење за квалитетот и потребата од промени на учебниците по кои предаваат.  Досега беа формирани комисии за повлекување на два учебника од употреба и по нивен предлог истите се повлечени. Со оглед на заложбите за намалување на бројот на ученици во паралелките, дадени се согласности за вработување во неколку основни и средни училишта, како и согласност за формирање на паралелки со помал број на ученици.      
     
    Во однос на високото образование, во моментов се подготвува нов Закон за високо образование, преку работни групи во кои се вклучени сите засегнати страни.  Воедно, на барање на факултетите одобрени се нови вработувања на високо образован кадар, со цел да се зголемат капацитетите на државните универзитети за нивната редовна работа.


     
    Една од заложбите на новата Влада во образовната политика е да се поддржи и зголеми инклузивноста во образованието. За таа цел, променети се два подзаконски акти со кои се регулираат правата и можностите на учениците со посебни образовни потреби. Овие промени се направени во консултација со Здруженија на граѓани кои работат во областа.
     
    На крајот, министерката истакна дека е свесна за предизвиците што стојат пред неа, големите проблеми и уште поголемите очекувања. Таа ја искористи оваа прилика за да им се заблагодари на сите граѓани кои во изминатиов период ја контактирале, што се јавиле со желба да и помогнат во реформите и да дадат предлози и идеи. “Процесот на реформи е пред нас. Чекор по чекор, водејќи се од начелата за инклузивност, транспарентност и отчетност ќе изградиме квалитетен и модерен образовен систем, кој ќе ги следи светските трендови и ќе ги оспособува идните генерации за најновите предизвици“ заврши министерката Дескоска.

  • Конечни резултати од Конкурсот за прием на ученици во јавните ученички домови во вториот приемен рок

    Почитувани,

    Министерството за образование и наука информира дека денеска се објавени конечните резултати од вториот приемен рок од Конкурсот за прием на ученици во јавните ученички домови во Република Македонија за учебната 2017/2018 година.

    Воедно би сакале да Ве информираме дека, доколку слободните капацитети во јавните ученички домови не се пополнети и заради економска оправданост, конкурсот останува отворен за пополнување на слободните места со студенти во согласност со Правилникот за начинот и постапката за прием на студентите во државните студентски домови („Службен весник на Република Македонија“ број 89/13 и 98/13).


    Конечни листи за прием на ученици од вториот приемен рок:


    1. „Мирка Гинова" - Битола

    2.„Лазар Лазаревски” – Велес

    3. „Крсте П. Мисирков” – Кавадарци

    4. „Проф. Мијалковиќ” – Куманово

    5. „Боро Менков” – Крива Паланка

    6. „Ванчо Питошески” – Охрид

    7. „Кочо Рацин” – Свети Николе

    8. „Здравко Цветковски” – Скопје

    9.„Д-р Панче Караѓозов” – Скопје

    10. „Св. Наум Охридски” – Скопје

    11. „Димитар Влахов” ЗРО – Скопје

    12. „Партение Зографски” – Скопје

    13. „Искра" - Штип

    14. „Митко Пенџуклиски" - Кратово

    15. „Димитар Влахов" - Струмица

    16. Кочо Рацин - Св. Николе

    17. Св. Наум Охридски - Македонски Брод

     

     

    Вселување во Државните студентски домови:

    1. ДСД Браќа Миладиновци - Штип

    2. ДСД Томе Стефановски - Сениќ - Скопје

    3. ДСД Орче Чопела - Прилеп

    4. ДСД Доне Божинов - Пробиштип


    Доколку имате некакви прашања, Ве молиме обратете се на фејсбук страницата на МОН, на телефонот: 02/ 3140 -147, или на следнaта електронска адреса: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите. 

    Со почит,

    Министерство за образование и наука

    Св Наум Охридски Македонски Брод
  • Министерката Дескоска одржа прес-конференција за преземените активности за отпочнување на новата учебна година

    Почитувани,

    Денес, 01.09.2017 година, министерката за образование и наука проф. д-р Рената Дескоска, одржа прес-конференција со цел да ја информира јавноста за преземените активности за отпочнување на новата учебна година.

    Во продолжување, ја пренесуваме во целост изјавата на министерката за образование и наука проф. д-р Рената Дескоска.


    Почитувани претставници на медиумите,

    Се наоѓаме на прагот на новата учебна година која ќе започне на 4 септември, согласно објавениот Годишен календар.

    Денеска сакам да Ве информирам за преземените активности за отпочнување на новата учебна година.

    Оваа учебна година во основните училишта се запишани вкупно 20 437 првачиња. Од нив наставата на македонски јазик ја следат 13 218 ученици, на албански јазик 6419 ученици, на турски 738, на српски 16 ученици и 46 на босански јазик.

    Во средните училишта се запишани вкупно 17364 ученици во прва година, од кои настава на македонски јазик ќе следат 13 349 ученици, на албански јазик, 3765 ученици и на турски јазик 144 ученици, додека пак, 106 ученици по втор пат се запишани во прва година.

    Овие бројки за основните и средните училишта не се конечни. Крајните официјални бројки ќе бидат познати во средината на септември.

    Наставата се одвива во вкупно 362 јавни основни и 108 јавни средни училишта.


    Во текот на вчерашниот ден, во согласност со законот, заради вршење на итни и неодложни работи, односно непречено одвивање на наставниот процес, одобрени се нови вработувања во повеќе училишта низ Македонија.

    -          Учениците во општина Дебар, ќе добијат можност да ја следат наставата на македонски јазик во порастеретени училници, бидејќи е одобрено ново вработување на одделенски наставник.

    -          учениците Албанци од Куманово за прв пат ќе добијат можност да учат солфеж на својот мајчин јазик во музичкото училишта “Панче Пешев”

    -          учениците од прво одделение во училиштето “Братство” во општина Карпош наставата ќе ја следат во помали одделенија, бидејќи одобрено е ангажирање на дополнителен број наставници

    -          ист е случајот и со учениците во општина Аеродром каде се одобрени дополнителни вработувања во одделенска настава со цел да се одозможи целодневна настава, односно дополнителен престој на учениците во основните училишта “Браќа Миладиновци”, “Блаже Конески”, “Лазо Ангеловски”.

    -          Нови вработувања се одобрени во основното училиште “Дитурија” во Сарај, во “Димитар Беровски” во Ѓорче Петров, “Лирија” и “Истикбал” во Тетово, во “Васил Главинов” во Велес, во “Живко Брајковски” во Бутел, во “Маршал Тито” и во “Сандо Масев” во Струмица, во “Гоце Делчев” во Вељуса, основното училиште “Кочо Рацин” во Куманово, во основното училиште “Браќа Миладиновци” во Пробиштип, во “Фаик Коница” во Липково, за настава на турски јазик во “Тефејуз” во Чаир, во Крум Тошев во Гази Баба и др.

    -          Во средните училишта, даваме целосна поддршка на Спортската академија за која е одобрено дополнително финансирање на дисперзираните студии во Тетово, Прилеп, Охрид, Штип и Битола

    -          Одобрено е доекипирање со наставен кадар во средното училише во Сарај и средното училиште “Шаип Јусуф” во Шуто Оризари.

    -          За нас сите ученици се важни и целта на овие одобрувања на ново финансирање е да има доволно наставен кадар во училиштата.


    Што се однесува до учебниците по кои ќе учат учениците: за оние учебници во кои се пишува, согласно закон, се склучени договори и истите ќе бидат дистрибуирани до училиштата најдоцна до 15 септември. Истиот рок важи и за дистрибуција на најголемиот број други учебници.

    -          Минатата недела, испратен е допис до сите училишта и креирана е апликација преку која наставниците и професорите од сите училишта се поканети да укажат на грешки и проблеми во учебниците. На директорите им е испратена лозинка, која преку e-ucebnici.mon.gov.mk, наставниците можат лично да ги внесат бараните податоци. Ги очекуваме одговорите од наставниците и професорите до 15 септември и ја користам оваа прилика да апелирам до сите нив да се вклучат активно во овој консултативен процес.

    -          Во втората фаза ќе почне и консултативен процес за соодветноста на изборот на лектири за основно и средно образование.


    Што се однесува до создавањето на услови за децата со посебни образовни потреби. Испративме барање до сите училишта да пријават број на ученици со посебни образовни потреби на кои им е потребен персонален асистент. Податоците сеуште не се конечни, но и откако ќе бидат добиени, ќе подлежат на процес на проверка. За најитна можна реакција, во соработка со УНДП, во процес на селекција се околу 70 персонални асистенти кои ќе поминат обука за да можат што е можно посоодветно да ги извршуваат своите задачи. Исто така, преку процес на консултација со здруженија на граѓани кои се занимаваат со прашањата за инклузивно образование, променети се два подзаконски акти кои регулираат одредени прашања од областа на образованието на децата со посебни потреби.


    Во однос на условите кои постојат во училиштата и ученичките домови, побарав од директорите на училиштата и на ученичките домови да пријават потреба од капитални инвестиции и да го документираат тоа со фотографии од состојбите во училиштата и ученичките домови. Она што го видов и што Вие ќе имате можност да го видите е загрижувачко. Врз основа на овие информации кои ги добивме, ќе направиме и директен увид заради утврдување приоритетите за помош на општините кои не успеале да ги решат овие проблеми на училиштата. Според приоритетите, на прво место ќе биде обезбедување на елементарни услови за работа, односно оспособување на објектите од надворешни влијаниеја со реконструкција на крововите, фасадите и замена на прозорци. Потоа ќе се помогне на општините каде има потреба од подобрување на внатрешните услови на објектите како подови, санитарни јазли, загревање и сл. И третиот дел ќе биде помош во замена на инвентар во училиштата.

    Во меѓувреме од 15 јуни до денес преземени се одредени активности за санација на повеќе училишта во Сарај, Тетово, Куманово, Демир Хисар, Дебар, Ѓорче Петров, Гостивар и село Страчинци. Во село Блаце е направена реконструкција на целиот објект.

    Сооглед на тоа што согласно процесот на децентрализација, училиштата се во надлежност на општините, апелирам градоначалниците да направат промена на приоритетите и да го стават образованието и условите за настава на прво место. Во 21 век, учениците заслужуваат пристојни услови за учење.

    На сите ученици, наставници и професори им посакувам успешна учебна година.

    На наставниците и проферсорите, на почетокот на учебната година сакам да им порачам: Бидете посветени, иднината на светот е во вашите училници!

    На учениците сакам да им порачам: Трагајте по знаење, затоа што образованието е патот кон Вашата слобода, знаењето е најсилното оружје со кое можете да го смените својот живот, со кое можете да го смените светот!”

    Ви благодарам!

    --------------------------
    Со почит,

    Министерство за образование и наука

  • Министерството за образование и наука им честита на тимовите за постигнатите резултати на меѓународните научни олимпијади

    Почитувани,

    Министерството за образование и наука им честита на тимот предводен од Сојузот на хемичари и технолози на Македонија за освоениот бронзен медал на  49-та Интернационална хемиска олимпијада  (Натхон Патхом, Тајланд, 6.07-15 јули 2017 година). Исто така им честитаме на Друштвото на физичарите на Република Македонија, за бронзениот медал освоен на 48 Меѓународна олимпијада по физика (Џогјакарта, Индонезија 16-24 јули 2017). Честитаме и за освоениот бронзен медал на 58. Меѓународна олимпијада по математика (Рио де Жанеиро, Бразил 13-23 јули 2017година) на Сојузот на математичари на Република Македонија.
     
    Постигнатиот резултат  претставува успех не само за сојузите, односно друштвата,  туку претставува и успех за Република Македонија. Со постигнатите резултати тимовите на хемичари, физичари и математичари,  покажаа и докажаа дека Република Македонија има млади луѓе, ученици, научници кои стојат рамо до рамо со своите врсници од целиот свет. МОН е во исчекување на резултатите од 29. Meѓународна олимпијада по информатика на која учество зема тимот од Здружението на информатичарите на Република Македонија (Техеран, Иран 28 јули – 4 август 2017).

    Министерството за образование и наука има предвидено доделување на парична награда за освоен медал на една од 13-те меѓународни научни олимпијади на ученикот и на наставникот кој го подготвувал ученикот за олимпијадата.

    Исто така, Министерството за образование и наука изразува жалење што до сега младите таленти од Република Македонија не беа поддржани од институциите во однос на покривањето на патните трошоци или пак подготвителните часови. Известуваме дека, министерката за образование и наука Проф. д-р Рената Дескоска и нејзиниот тим работат на изнаоѓање на системско решение за надминување на овој проблем преку нови законски решенија кои ќе бидат поддршка и мотив за учениците и нивните ментори во освојувањето на највисоките признанија на светските натпревари.

    Со почит,

                          
    Одделение за односи со јавност

  • Отворено писмо на министерката Дескоска по повод започнувањето на новата учебна година

    Почитувани ученици, почитувани наставници и професори,

    Дозволете најнапред да Ви го честитам почетокот на новата учебна година и да Ви посакам успех во учењето и работата. Секој почеток е нов предизвик, нова авантура, нова приказна. Во оваа влегуваме заедно!

    Драги првачиња,

    Пред Вас е нова страница од Вашиот живот, непозната, но возбудлива. Влегувате во светот на магичните букви и бројки, во светот на нови знаења и нови пријателства. Откривајќи ги тајните на учењето, ќе откриете дека училиштетото е едно големо магично игралиште, кое што чека да биде освоено, бидејќи со секое искачено скалило ќе дознавате нови работи и ќе постигнувате нови успеси.

    Драги ученици,

    На почетокот на оваа учебна година сакам да Ве потсетам дека образованието е едно долго патување, а не трка на кратки патеки. Другарувајте со книгите, откривајте ги тајните скриени во нив, отворете го умот за нови спознанија и за вистинските вредности. На ова долго патување, немојте да заборавите на важноста на пријателството, љубовта, солидарноста, одговорноста и посветеноста на градење подобар живот и подобар свет. На ова патување прочитајте ја книгата “Малиот Принц” и нека Ве води нејзината порака: “Не можеш да гледаш убаво без срцето, суштината е невидлива за очите.”

    Драги наставници и професори,

    Вие ја вршите најважната професија на светот, професијата која ги создава сите други професии. Вие сте оние кои ги описменувате нашите деца и се вложувате во нивниот успех. Вие сте оние кои ги мотивирате и ги насочувате, кои им го покажувате патот кон иднината! Бидете добар модел за нив и не заборавајте дека вистинското образование значи не учење на факти, туку учење на вредности!

    Како институција надлежна за образованието во Република Македонија, Министерството за образование и наука е тука за Вас, за секој Ваш проблем, за секоја Ваша идеја за подобрување на воспитно-образованиот процес во земјата, со единствена цел заеднички да работиме и да создадеме систем со кој ќе се гордееме сите ние, а и нашите поколенија.

    Дозволете на крајот уште еднаш да Ви посакам многу успех во текот на новата учебна година.

     

       Министерка за образование и наука

       Проф. д-р Рената Дескоска

  • Прелиминарни резултати од Конкурсот за прием на ученици во јавните ученички домови за учебната 2017/2018

    Почитувани,

    Министерството за образование и наука информира дека денеска се објавени прелиминарните резултати од Конкурсот за прием на ученици во јавните ученички домови во Република Македонија за учебната 2017/2018 година.

    Ве известуваме дека сите ученици кои се пријавиле на конкурсот за јавните ученички домови се примени, освен во случаите кога не е доставена комплетната документација. По објавување на списоците со рангирани ученици по домови, учениците имаат право на приговор во рок од 3 дена кој се поднесува во Министерството за образование и наука до Комисијата за ученички домови за средни училишта. По завршувањето на рокот за поднесување приговори на 27.07.2017 година, Министерството за образование и наука ќе ја објави конечната листа на примени ученици во јавните ученички домови.

    Доколку останат непополнети сместувачките капацитети во одреден дом, електронското пријавување ќе биде активно од 28.07 до 04.08.2017 година или се додека има слободни места, за што Министерството за образование и наука континуирано на својата веб страница ќе објавува списоци за примени ученици по домови.

    Учениците кои ќе поднесенат електронска апликација, комплетната документација треба да ја достават од 7.08 до 11.08.2017 година во Министерство за образование и наука.  Повеќе околу потребната документација и конкурсот можете да најдете овде

    За подетални информации околу поднесувањето приговор или конкурсот, обратете се на фејсбук страницата на МОН, на телефонот: 02/ 3140 -147, или на следнaта електронска адреса: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.

    Прелиминарни листи за прием на ученици:

    1. „Мирка Гинова" - Битола

    2. „Лазар Лазаревски” – Велес

    3. „Крсте П. Мисирков” – Кавадарци

    4. „Проф. Мијалковиќ” – Куманово

    5. „Боро Менков” – Крива Паланка

    6. „Ванчо Питошески” – Охрид

    7. „Кочо Рацин” – Свети Николе

    8. „Димитар Влахов” – Струмица

    9. „Здравко Цветковски” – Скопје

    10. „Д-р Панче Караѓозов” – Скопје

    11. „Св. Наум Охридски” – Скопје

    12. „Димитар Влахов” ЗРО – Скопје

    13. „Партение Зографски” – Скопје

    14. „Искра" - Штип



    Со почит,

    Министерство за образование и наука

  • Учебната година ќе стартува на 4 септември

    Министерството за образование и наука ја известува јавноста, дека учебната 2017/2018 година за јавните основни и средни училишта ќе започне на 4 септември (понеделник).

    Календарите за организација на учебната 2017/2018 година во јавните основни и средни училишта ќе бидат објавени во „Службен весник на Република Македонија“.

    На сите ученици, наставници и професори им посакуваме успех во новата учебна година.

    Со почит,
                           
    Министерство за образование и наука на Република Македонија