Министерството за образование и наука Ве известува дека вчера Владата на Република Македонија донесе одлука за Конкурсот за упис на студенти на државните универзитети.

Оваа година има обезбедени 26105 места за упис на студенти на државните универзитети и тоа 13953 места за редовни студенти во државна квота, 8367 места за редовни студенти со кофинансирање и 3785 места за вонредни студенти.
Со тоа обезбедени се доволно места за упис на сите заинтересирани матуранти, како и за други лица заинтересирани за студирање на државните универзитети.

При утврдување на бројките за упис на студенти се водеше сметка за потребите на пазарот на трудот во Република Македонија, дефицитарноста на струките и расположливите можности за вработување, бројот на студенти за кои се акредитирани факултетите, како и за показателите за интересот на средношколците за упис на одредени факултети изминативе години.

Конкурсот содржи одредени новини во однос на претходните години, меѓу кои и следните:

1. Како резултат на различниот пристап на новата Влада во однос на родовите прашања и прашањето за евроинтеграциите, споредено со претходната Влада, донесена е одлука да се активираат Родовите студии на Филозофскиот факултет при УКИМ, кои 5 години беа ставени во мирување, како и студиите за Безбедност и евроинтеграциите на Факултетот за безбедност при УКЛО, кои исто така беа во мирување.

2. Оваа година факултетите при Универзитетот “Св Кирил и Методиј” нема да имаат дисперзирани студии. Такво беше барањето на Универзитетот кое се поклопи со ставот на Владата и нашите согледувања за квалитетот и потребата од одредени дисперзирани студии.

3. Одредени дисперзирани студии на другите Универзитети се редуцирани, тргнувајќи од погоре наведените аналитички податоци со кои располагаше Министерството за образование.

4. Оваа година за прв пат се утврдени и квоти за упис на одредени студиски програми за студенти, чие родителско право го врши само еден родител, кои ќе плаќаат половина од износот на уписнината.

Конкурсот ќе биде доставен до Универзитетите и објавен.